Ѓорѓиевски: Талентираните ученици како Петја, имат целосна поддршка од Кисела Вода

Младата Петја Анѓеловска денес беше гостинка на градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Оваа талентирана петтоодделенка од ООУ “Невена Георгиева Дуња”, неодамна се врати со награда од Меѓународниот детски фестивал во Бања Лука, “Дечје царство”.

Со градоначалникот Ѓорѓиевски поразговараа на повеќе теми.

Најмногу се задржаа нa случувањата на детскиот фестивал, каде во конкуренција од преку 4500 испратени песни од млади поети и 70 финалисти, таа го освои второто место.

Му раскажа како настанала наградената песна “Мала ноќна поезија” и кои се нејзините планови за учество на други поетски фестивали.

Имено, под менторство на нејзината наставничка Мирјана Меговска, веќе испратила песна на англиски јазик за меѓународен фестивал во Италија. Покрај тоа што е одличен ученик, ова младо девојче сонува за своја стихозбирка, која грижливо ја подготвува.

-Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник водиме грижа за талентираните ученици и Петја секако може да смета на нашата поддршка. Ваквите големи успеси не се само лични, тие се успех за целата општина, за целата држава и ние, како локална самоуправа, ќе се потрудиме да и’ овозможиме да ги развива и следи своите потенцијали. Би бил среќен ако ентузијазмот и достигнувањата на ова младо девојче, бидат поттик за сите нејзини соученици, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски при средбата со Петја Анѓеловска.