Ѓорѓиевски: Признанија за наставниците од основно образование во Кисела Вода

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски упати честитка до просветните работници за Светскиот ден на учителите.

 На сите наставници од основните училишта во Кисела Вода им додели признание за нивната заложба во наставниот процес и за нивната благородна и посветена работа. Тој рече дека одбележувањето на денот, значи почит за нивниот ангажман. Ја нагласи и улогата на локалната самоуправа во како што кажа, креирањето на современи и модерни услови за изведување на наставата. 

-Не постои човек кој не ги памети училишните денови, возбудата, ентузијазмот, но и стравот што може да го има едно дете соочено со непознатото. Тие, нашите учители, беа тука да нѐ храбрат, да ни го покажат патот, да ни ја отворат вратата кон новите поглавја во нашите животи. Говорејќи како градоначалник на општина Кисела Вода, сакам да ја нагласам улогата на локалната самоуправа во креирањето на современи и модерни услови за изведување на наставата. Тоа е нашиот влог во создавањето на средина во која наставникот ќе може да им пружи квалитетно образование на учениците, а самиот ќе ужива достоинство во својата професија. Тоа е нашиот начин да им се оддолжиме на нашите учители, кои се мошне важни фигури во процесот на растење и созревање и значаен фактор во трансформацијата кон сето она што сме денес - напиша Ѓорѓиевски на официјалната Фејсбук страница.