Ѓорѓиевски најави воведување на паметен зелен бран, смета дека Град Скопје ќе има клучна улога во „Сејф Сити“ системот

Според градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски градот Скопје ќе има клучна улога во Сејф Сити системот.

Тој денеска беше дел од координативниот состанок со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и со експерти од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјалното пуштање во функција на Сејф Сити системот.

- Градот Скопје ќе има силна и активна улога во неговата имплементација, со цел воспоставување ред, дисциплина и многу повисоко ниво на безбедност за сите учесници во сообраќајот. Ова е суштинска реформа во начинот на кој функционира сообраќајот во нашиот град. Наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, воведуваме паметен зелен бран - модерен, адаптивен и иновативен систем кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали гужвите и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје, најави Ѓорѓиевски. 

Најави дека во наредниот период, Советот на град Скопје ќе донесе низа важни одлуки поврзани со дистрибуцијата, особено во централното градско подрачје.

- Овие мерки ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните. Дополнително, преку Сејф Сити системот ќе се стави крај на девијантното и неодговорно однесување кое со години наназад го нарушуваше јавниот ред и резултираше со уништување на урбаната опрема и јавниот простор.Контролата, превенцијата и брзата реакција ќе станат стандард, вели скопскиот градоначалник. 

Според Ѓорѓиевски ова ќе значи побезбедни улици, почитување на правилата, заштита на јавниот имот и пред сè, сигурност за секој граѓанин. Скопје чекори кон модерен европски град со паметни решенија, јасни правила и одговорен сообраќај.