Ѓорѓиевски најави проширување на капацитетите на „Лајка“ и конечно решение за бездомните кучиња низ Скопје

Град Скопје ќе ги прошири капацитетите на ЈП ,„Лајка", што конечно ќе значи конечно хумано, одговорно и системско решение за бездомните кучиња, најави градоналаникот Орце Ѓорѓиевски. 

- Ако во минатото ЈП ,,Лајка" беше креирана за брзи партиски вработувања, од моето преземање на функцијата градоначалник на Скопје, таа авантура заврши. Предолго време проблемот со бездомните кучиња се туркаше под тепих, а последиците ги чувствуваа и скопјани и самите животни, оставени без заштита, без услови и без вистинска грижа. Започнуваме нов пристап, со визија и конкретни инвестиции.  Во мојата програма е ставен огромен фокус за ова прашање и сакам да информирам дека за ЈП „Лајка“ се обезбедени 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите и создавање современи, хумани услови за згрижување на бездомните кучиња, вели првиот човек на Скопје. 

Според него, оправдани се забелешките на граѓаните.

- Со години гледавме како проблемот се зголемува, наместо да се решава. Токму затоа денес сериозно, одговорно и посветено пристапуваме кон негово трајно надминување. Истовремено, нема да дозволиме Скопје да биде депонија за туѓи проблеми. Прашањето за носење бездомни кучиња од други градови веќе е отворено и со надлежните институции. Со воведувањето на системот „Сејф Сити“, сите кои несовесно ги носат животните во главниот град ќе бидат откриени и санкционирани, порача Ѓорѓиевски. 

Тој упати апел до скопјани да бидат партнер во оваа борба.

- Секоја појава да се пријавува бидејќи само со заедничка акција можеме да воведеме ред и да изградиме систем што функционира.  Многу брзо од денес започнуваме конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“, со што ќе обезбедиме простор, грижа и достоинствен третман за бездомните кучиња. Тие се живи суштества кои заслужуваат заштита, храна, ветеринарна грижа и шанса за подобар живот. И затоа ве уверувам дека проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен, вели градоначалникот на Скопје.