
Скопје ќе добие ресурсен центар со станбено домување и Центар за образование и рехабилитација за лица со попреченост над 16 години. Центарот ќе биде лоциран во Драчево.Ова денеска го објави градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
- За првпат во историјата, Скопје прави голем и човечки исчекор напред. За првпат досега во Македонија, ќе започнеме постапка за обезбедување на целосна документација и враќање на земјиштето, со што се создаваат услови за воспоставување на ресурсен центар со станбено домување и Центар за образование и рехабилитација за лица со попреченост од 16 години, па нагоре. Нашите планови се темелко да се реконструираат веќе постоечките објекти, а паралелно да се постават и нови, современи и целосно прилагодени простори, порача од терен првиот човек на Град Скопје.
Тој денеска заедно со министерката за образование Весна Јаневска, градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска-Трајкоска и здруженијата, го посетија просторот каде што оваа идеја планираат да стане реалност.
- Грижата за лицата со попреченост не смее да биде само декларативна. Таа мора да се гледа, да се чувствува и да значи сигурност за нив, но и за нивните семејства. Токму затоа, Град Скопје како основач, заедно со Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Кисела Вода, го започнуваме овој процес во кој активно ќе бидат вклучени и здруженија и фондации. Ова е чекор со кој покажуваме дека овие категории граѓани не се заборавени и дека нивното достоинство и квалитет на живот се наш приоритет, порача Ѓорѓиевски.