Ѓорѓиевски на средба со в.д. амбасадорот на Германија

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски оствари средба со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф.

- На оваа конструктивна и пријателска средба денеска, разменивме искуства и ги дефиниравме можностите за нови сфери во кои е можна заедничката соработка. Му се заблагодарив за неодамнешната донација, преку која на дечињата кои ќе бидат згрижени во градинката ,,Симба” во Усје им обезбедивме креветчиња и душеци. Убаво е кога се има поддршка, посебно во вакви големи проекти каде од сопствени средства направивме голема инвестиција - инклузивна градинка на место каде што никогаш немало, напиша Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски порача дека со вакви потези праќаат јасна порака дека унапредувањето на условите и со тоа овозможувањето на поддршка на позитивниот развој на најмладата популација е заедничка стратешка определба.

- Се надевам, а точно тоа и го договоривме на денешната средба со в.д. амбасадорот Граф, дека проектите од ваков и сличен карактер ќе ја имаат поддршката од Сојузна Република Германија и во периодот што ни претстои. Кога веќе говориме за новата градинка во Усје, сакам да се заблагодарам и на студентите од Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот Балкански Универзитет од Скопје, кои под менторство на своите професори работеа на визуелно обликување на оваа прва инклузивна градинка на територија на градот Скопје. На овој начин, сите заедно дадовме свој придонес во обликувањето на инклузивната иднина на младите, што е најголемиот императив и мотив за сите нас, додава градоначалникот на Општина Кисела Вода.