Ѓорѓиевски: Лицата со церебрална парализа заслужуваат општество со еднакви можности

Општина Кисела Вода организираше настан за лицата со церебрална парализа по повод интернационалниот ден за подигање на свеста за церебрална парализа.

Беше истакнато дека 25 Март е само еден од деновите кога општеството треба да зборува гласно за потребите на овие лица, а грижата и поддршката треба да бидат секојдневни.

-На средбата, овие деца и нивните родители преку дружба и забава со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски уште еднаш проговорија за потребата од надминување на општествените бариери и можноста за нивна поголема вклученост во социјалните случувања, соопшти Општина Кисела Вода.

На настанот присуствуваше и директорот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје, Лиридон Бафтији, со кој се дискутираше и за обезбедувањето поголема институционална поддршка.

Тој ја изрази својата подготвеност за интензивирање на соработката со цел унапредување на условите за лицата со попреченост. Од лицата со церебрална парализа и градоначалникот Ѓорѓиевски и директорот Бафтији добија лично изработен подарок. Во јули минатата година, посочува Општината, во населбата Расадник е отворен клуб за дружба, социјализација и едукација на децата со церебрална парализа.

-Се работи за специјално прилагоден и целосно опремен простор, кој овозможува нивно вклучување во активности надвор од домот. За користењето на клубот, тие не плаќаат никаков надомест. И за користење на просторот, и за тековните трошоци за користење се грижи лично градоначалникот Ѓорѓиевски од свои сопствени средства. Воедно, тој е нивни чест гостин таму, информира Општина Кисела Вода.

Во насока на обезбедување еднакви можности за сите, во Општина Кисела Вода вчера беше отворен и Нега Центар за обезбедување помош во домашни услови за повозрасните и лицата со попреченост.

Паралелно, за нив е обезбеден и бесплатен транспорт за вршење некаква здравствена или административна услуга. Од минатата година на територија на Кисела Вода функционира и Дневен центар за окупациона терапија за лица со попреченост над 18 години, отворена е првата целосно инклузивна детска градинка и целосно инклузивно основно училиште.

Од минатата недела, Кисела Вода е и првата општина која вработи лице со Даунов синдром, соопшти Општина Кисела Вода.