Финансиската полиција веќе постапува во врска со состојбите во јавните претпријатија на Град Скопје, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ѓорѓиевски рече дека Град Скопје е отворен за соработка со надлежните институции и дека се проверуваат случаи за кои, според него, постојат индиции дека треба да бидат истражени.
„Финансова полиција веќе сериозно се занимава. Ние како институција, јас како градоначалник, ги отворивме вратите. Така треба да биде секогаш“, изјави Ѓорѓиевски.
Како пример ја посочи состојбата во ЈСП „Скопје“. Според него, дел од автобусите во минатото биле оставени надвор од употреба иако за нивно повторно ставање во функција биле потребни релативно мали поправки.
„Тоа кај мене е индикативно која била причината и тука треба институциите да проверат“, рече градоначалникот.
Тој нагласи дека средствата и имотот на јавните претпријатија не се сопственост на функционерите или на раководствата, туку се јавни ресурси финансирани од граѓаните. Ѓорѓиевски се осврна и на состојбата во ЈП „Комунална хигиена“, оценувајќи дека проблемите со собирањето отпад претставувале неодговорност кон скопјани. Градоначалникот не откри детали за конкретните проверки, со образложение дека тие се во надлежност на институциите што ги спроведуваат.
„Јас не сум дел од тие институции, не можам да давам детали, но верувам дека правда ќе има“, порача Ѓорѓиевски.
Управата за финансиска полиција е надлежна за откривање и истражување на кривични дела поврзани со финансиски криминал, меѓу кои злоупотреба на службената положба, проневера, даночно затајување и други дела со противправна имотна корист.
Засега нема објавени детали од Финансиската полиција за конкретните случаи на кои се однесуваат изјавите на градоначалникот.