Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на почетокот на своето денешно обраќање пред Советот на Општина Кисела Вода, каде што се усвоија кварталните извештаи кажа дека денес за разлика од минатото не се позајмува туку се инвестира. Во своето излагање, тој ја истакна трансформацијата на општината во изминатите три години, посочувајќи ги рекордните финансиски резултати и историските капитални инвестиции.
„2023 и 2024 година се години со највисоки капитални инвестиции во историјата на нашата општина. Истовремено, 2024 е годината со највисоки приходи остварени во буџетот споредбено со било кога во минатото. Ги срушивме старите лоши навики на моите претходници, ја запревме праксата на непланирани трошења и создадовме модел на развој кој гарантира стабилност и раст, изјави Ѓорѓиевски. Информираше и дека со оваа историски највисока реализација на капитални проекти во износ од 155.898.143 денари, не се вклучени ниту еден од проектите чија реализација е во тек и ќе бидат завршени во 2025 година: Изградба на Основно училиште „Климент Охридски; Доградба на детска градинка „8-ми Март“; Доградба на Основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“; Реконструкција на коловоз на ул. „Ѓорѓи Димитров“; Изградба на пат кон манастир „Пеленица“; Изградба на потпорни ѕидови и уредување на речното корито „Мала Рада“, рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека се работеле домаќински и се скратиле сите непродуктивни расходи, но истовремено се зголемиле приходите.
„Реализираните приходи во консолидираниот Буџет за 2024 година се за 38% повисоки во однос на 2020 година, односно за 287.541.464 денари повеќе. Во 2020 година, претходната власт користеше кредит од 54.451.735 денари, кој сега ние го враќаме. Без тие средства, разликата во нашето работење во 2024 година изнесува 341.993.199 денари повисоки приходи.
Кога на ова ќе се додадат сите скратени непродуктивни трошоци, јасно е зошто денеска имаме најмногу капитални проекти, а истовремено и рекорден број на субвенции и помош за жителите“, истакна градоначалникот, додавајќи дека Буџетот за 2025 година ќе овозможи многу повеќе приходи, со тоа и многу повеќе капитални проекти и субвенции, како и целосна реализација на ветената pрограма“, посочи Ѓорѓиевски.