Ѓорче Петров: Децата од семејствата на бранителите нема да плаќаат градинка

Советот на Општина Ѓорче Петров на вчера одржаната седница по предлог на претседателката на советот Д-р Ленче Нелоска, со поддршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата донесе одлука за ослободување на членовите на семејствата на бранителите од конфликтот во 2001 година од месечна партиципација за градинка, како и од паричниот надомест кој се дава за оброк во основните училишта.

- Во знак на благодарност за животот вложен во одбрана на Република Македонија, општината донесе одлука со која дополнително финансиски ќе се олесни животот на бранителите во услови на тешка економска и финансиска криза. Сметаме дека ова требаше да се случи многу порано, за што всушност апелираше ВМРО - ДПМНЕ уште во 2018 година и тогашната Советничка група поднесе предлог-одлука, но истата беше одбиена од тогашното мнозинство, порачаа од општина Ѓорче Петров. 

- Бранителите, но и сите припадници на безбедносните сили целосно ќе ја имаат мојата поддршка како градоначалник и се додека трае мојот мандат овие луѓе и во иднина ќе бидат во фокусот на општината бидејќи секојдневно го ризикуваат својот живот за безбедна Република Македонија, порача градоначалникот Александар Стојкоски.