Гир од Охрид: Да се зачува природното и културното наследство за да биде достапно и на идните генерации

Природното и културното наследство имаат универзална вредност за сите нас како поединци, заедници, општества, но и за пошироките организации. Токму тоа наследство треба да се сочува со цел да биде подостапно за идните генерации, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир, споделувајќи ја загриженоста на УНЕСКО за ризикот Охридскиот регион да биде ставен на листата на светско наследство, кое е во опасност.

По денешната средба во Охрид со градоначалникот Константин Георгиески, нагласи дека Европската Унија ја поддржува вклученоста на заедницата во адресирање на прашањето за заштита на регионот на Охридското наследство.

-Зачувувањето на природното и културното наследство на Охридскиот регион, бара силна владина посветеност за имплементација на сите тие препораки, која што бара поголема координација меѓу одговорните министерства и другите институции. Сето тоа бара и ангажман на национално и на локално ниво, што ќе биде поддржано со соодветна буџетска поддршка, рече Гир.

Мисијата за зачувување на регионот за човештвото, според него, треба да има поддршка од сите политички сили.

– Тоа треба да биде национален зафат и активност, која ќе ги обедини сите чинители во општеството, како на националното, така и на локално ниво и да биде во партнерство меѓу властите, цивилното општество, локалните заедници и локалните бизниси, истакна амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија нагласувајќи ја поддршката на Унијата во процесот.

Градоначалникот Георгиески информира дека на средбата било разговарано за тековните прашања во општина Охрид, со посебен акцент на статусот на Охрид во УНЕСКО во имплементација на препораките и нацрт-извештајот.

Одговарајќи на новинарски прашања градоначалникот забележа дека УНЕСКО ги заострува критериумите во цел свет и оти листата на загрозени подрачја од година во година се зголемува.

– Ставањето на Охрид во листа на опасност, воопшто не е таква трагедија, како што е претставена во јавноста. Доколку се случи тоа нешто ние треба да ги дуплираме нашите напори и како локална самоуправа и како држава да направиме план и сите препораки да ги имплементираме побрзо, рече Геогриески.

Охридскиот градоначалник се надева дека УНЕСКО ќе ги забележи позитивните промени и регионот ќе го задржи статусот.

– Цело време испраќаме прогрес рипорти. Такви извештаи за ставање Охрид на црна листа сме имале и претходно, па на сесија не се носело таква одлука. Ама ќе видиме каков ќе биде одговорот на УНЕСКО во однос на забелешките што ќе ги испратиме. Битно имаме ние комуникација сега со УНЕСКО и со советодавните тела за разлика од минатото. Се менаџира целата работа, истакна Георгиески.