Ги сакам искрените луѓе...

Вирално се споделуваат стиховите од поетот Тихомир Јанчовски чие прерано и изненадно заминување од овој свет остава длабоки емоции на тага кај македонската јавност! 

Во чест на уметникот....

Ги сакам искрените луѓе. Отворените.

Оние во кои нема задна мисла ни лицемерие.

Ги сакам наглите, незаузданите, неумерените, оние со краток фитил.

Што не планираат и не му ја мислат, на последиците, на опасностите, ризиците, на својот газ... што се' ти кажуваат в лице. Без перде. Ачик човеците.

Што гласно се смеат кога се радосни и смеата им е заразна.

Што плачат кога се тажни. Што не плачат кога ги боли. Цврстите.

Што се гневат кога се очајни.

Оние што не се плашат од темница ни од грмотевица.

Што тропаат глупости кога се заљубени.

Што црвенеат кога се срамат и што кршат кога се лути, и на себе и на друг.

Оние што не ги лаат кучиња. Што одат боси во коприви и вадат жар со гола рака, ако треба.

Оние што не носат бели ракавици и што скокаат во вода од висока карпа.

Ги сакам живите луѓе, големите деца. Оние што мирно спијат. Нерасипаните. Нерѓосаните. Дека се ретки, затоа.