Георгиевски: Сите 11 основни училишта во Гази Баба се спремни за настава

Основните училишта во општина Гази Баба се целосно подготвени за безбеден почеток на новата учебна година, со комбинирана настава во сите училишта.

Како што информираат, преземени се сите мерки кои се во надлежност на општината за намалување на ризикот од Ковид-19.

„ Мислевме на секој детаљ и за двата модели на учење, се со цел децата да бидат сигурни во образовните институции. Секое основно училиште подготви посебен протокол за работа, план за движење и дезинфицирање на објектот, по кој секој треба да се придржува. Во делот на он лајн наставата, обезбедуваме таблет за сите деца од ранливата категорија за да можат без проблем да ја следат наставата. За оваа намена, општината веќе ја започна постапката за набавка на 350 таблети, односно 250 таблети со средства на општината, а дополнителни 100 таблети со прераспределба на дотациите од министерството за образование кои како заштеди поради неработењата на училиштата се јавуваат во буџетот. Оваа наша акција веќе ја поддржуваат и голем број на општествено – одговорни компании“ изјави градоначалникот Борис Ѓеоргиевски.

Тој додаде дека училиштата се подготвени и од градежен аспект.

„ Летото го искористивме и за целосна подготовка на внатрешноста на објектите на сите 11 основни училишта, а училиштето “Крум Тошев” во Трубарево каде што се наоѓам сега, е само едно каде работевме на обновување и поставување на енергетски – ефикасна фасада. Безбедноста на нашите деца зависи од одговорното однесување на сите чинители, не само општина, туку и родителите, наставниците и директорите. Секој од нас мора да внимава прво на себе и на блиските околу себе. Само така сите заедно ќе придонесеме во целта да имаме безбеден тек на наставата“ истакна Георгиевски.