
Инвестициите во образованието продолжуваат, вложувањето во иднината на младите е мој врвен приоритет. Денес направив обиколка на ООУ „Браќа Младиновци“ и неговите клонови каде извршив увид во инвестциите и активностите во овие училишта, информираше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.
Тој посочи дека во централното училиште во Миладиновци набавена е информатичка опрема за учениците и наставниот кадар (18 персонални компјутери и 4 лаптопи), опремена училница за првачиња со 27 нови клупи и столчиња, набавени се 3 инвертер-клима уреди, обезбедени 270 лектири и 55 книги на англиски јазик, набавен музички инструмент – синтисајзер, за потребите на наставата по музичко образование и набавени биле косилка, дувалка за лисја и работни униформи за техничкиот персонал.
„Паралелно со ова, во подрачното училиште во Мршевци извршена е реконструкција на тоалетите, отворен е нов влез од внатрешниот дел на објектот и извршена е замена на старите метални врати со нови ПВЦ врати“, додава градоначалникот.
Исто така, рече дека во подрачното училиште во Текија целосно се заменети клупите и столчињата.
„Сите ученици заслужуваат еднакви, модерни и современи услови за образование, како општина продолжуваме да инвестираме во секое училиште и во секое дете, порача Георгиевски.