Гази Баба ќе додели 55 стипендии за надарени и талентирани ученици

Општина Гази Баба објави јавен повик за доделување стипендии на надарени и талентирани ученици, како и на ученици со посебни образовни потреби, за учебната 2026/2027 година.

Предвидено е да бидат доделени вкупно 55 стипендии – 25 за надарени ученици, 25 за талентирани ученици и пет стипендии за надарени и талентирани ученици со посебни образовни потреби.

За надарени ученици се сметаат оние кои имаат високи постигнувања во областа на природните науки, математиката и јазиците.

Талентирани ученици се оние кои постигнуваат значајни резултати во областа на уметностите, ликовното изразување, музиката, дизајнот и спортот.

Во категоријата надарени и талентирани ученици со посебни образовни потреби опфатени се ученици со постигнувања во природните науки, математиката, јазиците, уметностите, ликовното изразување, музиката, дизајнот и спортот.

Јавниот повик е објавен денеска, а заинтересираните кандидати имаат рок од седум дена да аплицираат.

Од Општина Гази Баба ги повикуваат сите ученици кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста и да аплицираат за стипендија.