
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска сподели дека Гази Баба има европски вице-шампион во карате.
Тој денеска сподели дека имал задоволство да одржи средба со овој млад шампион, за кого вели дека во неговите очи се гледа решителност, во неговиот став победнички карактер, а во неговото срце љубов кон спортот и Македонија.
„Име што ќе се споменува со чест – Немања Младеновиќ! Младиот херој настапи на 53-то Европско првенство за кадети, јуниори и У21, што се одржа во Кипар. Со срце поголемо од секој предизвик, со храброст и дисциплина, Немања извојува четири блескави победи и храбра борба во финалето“, напиша Стефковски во објавата на Фејсбук.
Младиот Немања инаку го освои второто место во категорија кадети борби +70 килограми на Европското првенство за кадети, јуниори и У21 што се одржа во Кипар.
„Ова не е само медал. Ова е доказ за труд, посветеност и шампионски дух! Гази Баба е горда! Горда на својот млад борец, на неговата истрајност и на знамето што достоинствено го крена високо“, истакна градоначалникот, порачувајќи му дека ова е само почеток!