Гази Баба го објави јавениот повик за субвенционирање за чистење на оџаци

Општина Гази Баба распиша јавен повик за субвенционирање на домаќинствата за надоместување на дел од трошоците за чистење на оџаци за 2022 година.

-Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Гази Баба, е нарушениот квалитет на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците, појаснуваат надлежните. 

Јавниот повик ќе трае од 30.07.2022 година до (заклучно со) 30.11.2022 година, односно до исцрпување на финансиски средства обезбедени за оваа намена од Буџетот на Општина Гази Баба за 2022 година.

-Оваа мерка се реализира за прв пат во општина Гази Баба и е уште едно реализирано ветување кое го дадов пред граѓаните. Ги повикувам граѓаните да аплицираат, порача градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.