Вчеравечер се оддржа првиот тематски настан на тема “Гази Баба за спортот” на кој беа презентирани постигнатите резултати во областа на спортот во мандатниот период 2021 – 2025 година под раководство на градоначалникот Бобан Стефковски, соопштија од општина Гази Баба.
Пред присутните во своето обраќање, Стефковски ги истакна реализираните проекти во оваа област, а вооедно и ја најави реализацијата на проектите кои ќе следуваат во следниот период.
- Изминатите повеќе од три години успеавме да го вратиме спортот насекаде низ општина Гази Баба. Инвестиравме во спортската инфраструктура како никогаш претходно. Изградивме 27 спортски терени на најсовремена тартан подлога, а во деновите пред нас ќе изградиме уште 8 нови терени со тартан подлога. Изградивме и 5 спортски терени на подлога од вештачка трева, а за скоро од денес ќе изградиме уште 3 нови терени. За прв пат во општина Гази Баба изградивме 6 фитнес зони, а наскоро ќе изградивме уште 3 нови зони. Преку изградбата на нови училишни спортски сали обезбедуваме услови за реализација на часовите по физичко и здравствено образование. Изградивме училишни спортски сали во Булачани и Стајковци, а во тек е изградбата на нова сала во Црешево. Дополнително изградивме и два нови спортски комплекси во Стајковци и Хиподром кои соддржат терени за различни категории на спорт, порача Стефковски.
- Посебно сакам да ја истакнам финансиската поддршката која ја доделува општина Гази Баба на спортските клубови и индивидуалните спортисти. Во изминатите четири години доделивме 40 милиони денари директна финансиска поддршка за спортот во општина Гази Баба, истакна тој.
Тој пред присутните наведе дека сите спортски клубови и спортисти од Гази Баба се дел од победничкиот тим кој тој го предводи.
- Денес сите ние сме тука како еден голем победнички тим. Во нашиот тим се клубовите од сите категории на спортови, тренерите и играчите, таеквондистите и каратистите, фудбалерите, кошаркарите и други. Тука се и учениците и наставниците. Заедно тренираме и се натпреваруваме, едноставно заедно победуваме. На спортските терени има спортисти кои доаѓаат од различни средини, зборуваат на различни јазици и одат во различни храмови. Но сите овие разлики стануваат неважни, бидејќи сите ние заеднички во победите се радуваме, а во поразите тагуваме, заклучи првиот човек на Гази Баба.
На настанот беа доделени плакети на спортисти од општината кои во изминатиот период имаат постигнато врвни спортски успеси во Република Македонија но и надвор од неа. Плакети во знак на признание добија: Милијана Релиќ, Александар Илиевски, Марко Стојковиќ, Теодор Николовски, Андреј Митревски и Максим Митровски.
За успешна соработка во изминатите години, беа доделени плакети и на претседателите на ракометната федерација, таеквондо федерацијата и атлетската федерација на Македонија, како и на селекторот на ракометната репрезентација на Македонија Кирил Лазаров. На настанот присуствуваа претставници на сите спортски клубови, спортисти, пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на општина Гази Баба и други граѓани од општината.