Гаврани напаѓаат кај градинка во Аеродром, Анима Мунди повикува на претпазливост

Жители на скопската населба Аеродром алармираат за зачестени инциденти со гаврани и други птици во близина на градинката „Лале“, тврдејќи дека во изминатиот период биле нападнати повеќе граѓани и домашни миленици.

Повод за реакциите е објава на социјалните мрежи во која се наведува дека мало дете било нападнато од птица и поради повредите завршило во болница.

„Сериозен проблем со птици (чавки, гаврани) кои напаѓаат луѓе и животни во околината на градинка „Лале“ во Аеродром. Вчера мало дете нападнато и исколвано, заврши во болница. Ве молам да го решите проблемов, не е безбедно движењето во тој дел“, стои во објавата.

Случајот предизвика бројни реакции меѓу жителите на населбата, кои бараат надлежните институции да излезат на терен и да утврдат дали постои опасност за минувачите, особено поради близината на градинката и големиот број деца кои секојдневно престојуваат во тој дел од Аеродром.

Од здружението за заштита на животните Анима Мунди посочуваат дека ваквото однесување на гавраните е карактеристично за периодот од мај до јули, кога птиците имаат младенчиња и инстинктивно ги бранат своите гнезда.

„Во овој период многу гаврани имаат мали птичиња и природно го бранат своето гнездо. Понекогаш може да се случи да се доближат премногу до луѓе и миленици, особено ако поминувате блиску до дрво каде што има младенчиња“, велат од Анима Мунди.

Оттаму нагласуваат дека тоа не значи дека станува збор за агресивни животни, туку за природно заштитничко однесување.

„Ова не значи дека се лоши или агресивни животни. Тие се многу интелигентни и само ги штитат своите бебиња, исто како што би направило секое животно“, наведуваат од здружението.

Како препорака до граѓаните, од Анима Мунди советуваат да се избегнува задржување под дрвја каде што птиците кружат или гласно реагираат, мирно да се оддалечат од местото и да не ги вознемируваат.

Според нив, ваквото однесување најчесто трае само неколку недели, додека младенчињата не пораснат и не го напуштат гнездото.

Засега нема официјални информации дали надлежните институции ќе преземат дополнителни мерки во реонот околу градинката „Лале“.