Фудбалерите наместо во Скопје слетаа во Приштина, Заев ги пречека на Блаце

Македонската фудбалски репрезентативци кои од Тбилиси ноќеска слетаа во Приштина, по остварувањето историски пласман на Европското првенство, во раните утрински часови беа пречекани од премиерот Зоран Заев на граничниот премин Блаце.

Со Заев на Блаце беа и првиот вицепремиер Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.

– Голема е радоста што ја преплави целата земја. Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација.

Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден, истакна Заев на средбата со фудбалерите.

То кажа дека дошле со Груби да ги пречекаат и да ја споделат радоста и да им укажат чест, но и да им соопштат дека во името на Владата и на граѓаните, сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.

– Ова е успех достоен за големо славење, но должен сум да апелирам и да замолам и вие да го направите истото и да апелирате и во овој момент да се почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19 кои забрануваат собири. Честитам уште еднаш. Да им посакаме успех и здравје! Да живее македонскиот фудбал!“, порача премиерот Зоран Заев.

Заблагодарувајќи се на дочекот во раните утрински часови капитенот на репрезентацијата Горан Пандев потенцира дека верувал од почеток во својот тим и дека ова е голема радост.

-Доживеав на 38 години да одам на Европско првенство и тоа е мојата најголема радост. Знам дека поминавме долг пат за да дојдеме до ЕП, но верував во овие момци уште од самиот почеток, дечките навистина го заслужија ова и на крајот и ние фудбалерите конечно се израдувавме  на Европско првенство .Сонот ни се оствари и се уште не сме свесни што направивме и колку е ова навистина огромен успех, рече Пандев.

Македонскиот национален тим синоќа во баражот во Тбилиси ја совлада Грузија со 1:0 со голот на Горан Пандев и првпат во својата историја избори пласман на Европско првенство.