Фото: Забраната за движење во шума го испразни Водно

Во шумите на територија на Република Македонија од денес е воведена забрана за движење во периодот од 06 до 20 часот. Градот Скопје вчера информираше дека забраната се однесува и за парк шумата „Водно“, но оваа информација попладнево ја демантираше Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов кој потенцираше дека парк шумата во Скопје е исклучена од оваа одлука.

Сепак, попладнево на Средно Водно можеше да се забележи драстично помалку спортисти и рекреативци. Oколу Средно Водно беше речиси празно. Граѓаните коментираат дека ваква слика последен пат виделе за време на Ковид пандемијата кога поради полицискиот час беше забрането движењето на територијата на целата држава, вклучувајќи ги и шумите.

Различните информации создадоа вистинска забуна во јавноста. Од денес и жичницата е надвор од функција, а автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие не сообраќаат до Средно Водно.