
Хашиш со тежина од 700 грама, е откриен од страна на царински службеници при контрола на поштенска пратка од Шпанија, која ја нарачал македонски државјанин Р.В. од Тетово, информираат денеска од Царинската управа.
Оттаму посочија дека лицето било приведено од страна на инспектори од Одделението за истраги и против него е поднесена кривична пријава до надлежно јавно обвинителство.
Случајот бил откриен кога пратката која била пристигната во ЦИ Пошти била селектирана за детална контрола, по што при нејзино отворање во неколку херметички затворени кеси биле пронајдени седум пакувања со зелена цврста материја.

Од Управата наведуваат дека веднаш потоа биле повикани тимови од Одделението за оперативни работи, при што откако царинско куче детектирало присуство на дрога во пратката, извршено било тестирање на материјата со коешто е потврдено присуство на ТХЦ.
Во моментот кога Р.В. ja подигнaл пратката, истиот бил приведен од страна на инспектори од Одделението за истраги и против него е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Дрогата по налог на јавен обвинител била испратена на вештачење при што било утврдено дека станува збор за хашиш и истата била запленета.
„Напоменуваме дека борбата со сериозен криминал е еден од највисоките приоритети на Царинската управа и секој обид за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори ќе биде најстрого санкциониран“, нагласија од Царинската управа.