(ФОТО) Утре пеколно топло, па следат две дена со дожд, грмежи и град - еве каква е временската прогноза до крајот на неделата!

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за утре најавија сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од северен правец.

Максималните дневни температури ќе достигнат до 40 степени Целзиусови, а УХМР објави метео аларм со карта обоена во портокалово.

Во Скопје, времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.

Од УХМР во четврток и во петок попладне најавија дека ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има услови за невреме со пообилен пороен дожд за кратко време, силен ветер и наместа појава на град.

Температурата ќе опадне за неколку степени.

Во деновите од викендот и почетокот на новата седмица времето ќе биде стабилно, а дневната температурата ќе биде во постепен пораст.