ФОТО: Учениците од општина Аеродром добија бесплатни униформи

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и претседателот на Советот на Општина Аеродром, Виктор Камиловски, денеска, во ООУ „Александар Македонски“ на учениците од ова училиште на симболичен начин им ја поделија новата бесплатна училишна облека за претстојната 2017/2018 учебна година.

Целта на овој проект, кој се одвива четврта година по ред и кој наиде на одобрување и прифаќање не само кај учениците, туку и кај родителите, е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување. На тој начин основните училишта од Општина Аеродром ги достигнуваат стандардите на училиштата од европските метрополи.

Секој комплет училишна облека се состои од сиви панталони, бела блуза со кратки и со долги ракави и тегет елеци со амблем, на кој е извезено логото на Општина Аеродром и името на училиштето. Девојчињата имаат можност да одберат здолниште место панталони.

Трошоците од околу 9,5 милиони денари за околу 6.500 училишни комплети, колку што се набавени, како и претходните години, ќе ги покрие Општина Аеродром обезбедени од Буџетот на Општината.

Искуството покажа дека со воведувањето на училишната облека се намалуваат социјалните разлики што ги има во секое општество и се постигнува чувство на еднаквост меѓу децата, без поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување. Освен тоа, со училишната облека учениците делуваат уредно, а училиштата се доближуваат до европските образовни стандарди.

Од друга страна, на родителите им се намалуваат трошоците за купување облека за децата, која некои родители не можат да си ја дозволат.

Проектот за бесплатна училишна облека Општина Аеродром ќе го продолжи и во иднина, особено што досега се покажа како исклучително успешен и наиде на одобрување и меѓу учениците и меѓу родителите, бидејќи значително им се намалија и трошоците за купување облека.

„Во пресрет на новата учебна година би сакал да истакнам дека обезбедивме не само бесплатна училишна облека, туку и беспрекорни услови за квалитетна настава“ изјави градоначалникот Коневски.

Најуспешните ученици веќе во септември ќе имаат можност да отпатуваат за Лондон, каде што е договорена соработка со уште едно основно училиште во лондонската општина Брнтвуд за учество во наставата.