
По подолг временски период, КПУ Затвор Скопје доби четири службени кучиња од расата белгиски овчар, наменети за потребите на чуварската служба, информираа од Управата за извршување на санкции.
Од таму посочија дека кучињата биле доделени од страна на Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност, со што значително се унапредуваат безбедносните капацитети на установата.

„Оваа поддршка претставува важен чекор во зајакнувањето на безбедноста, подобрувањето на работните услови и зголемувањето на ефикасноста во извршувањето на секојдневните задачи на службите во КПУ Затвор Скопје. Изразуваме благодарност до Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, Единицата за службени кучиња за укажаната поддршка и успешната соработка во насока на унапредување на безбедносните стандарди“, порачаа од Управата.