Фото и видео од дрон: Заборавено и напуштено пропаѓа „Македонско село“ кај Нерези

Тажна слика стои од десна страна на патот од Нерези кон Средно Водно. Заборавено од државни институции, а полека избледува и од спомените на граѓаните. Пропаѓа еден од најубавите туристички проекти во државата. На само десетина километри од центарот на Скопје во подножјето на Водно, спроти убавиот манастир „Св. Пантелејмон“ се наоѓа комплексот кој според многумина, до пред неколку години беше најрепрезентативната локација за прошетка на туристи во Скопје. Денес ова парче убавина може да се види само однадвор.   

Катанец на портите и чуварот од агенцијата за обезбедување ги чуваaт новите селски куќи од случајни намерници и ги спречува љубителите на старинскиот дух да прошетаат по камените улици на селото, да вдишат дел од здивот на Македонија. Тажно висат обесени македонските знамиња на високите јарболи.

Изградбата на Македонско село почна во 2011, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Клучот за затворање на „Македонското село“ се стави две години подоцна, во октомври 2018 година кога тогашниот концесионер „Тинекс“ поради големи трошоци го раскина договорот со владата. 

Изградбата на комплексот „Македонско село“, почна во 2011 година, со инвестиција на Владата, а чинеше 6,5 милиони евра. Односно, за самата изградба се дадоа 5,2 милиони евра, за внатрешно уредување беа потрошени 1,3 милион евра, 24 илјади евра беа потрошени за електромобили кои служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра беа потрошени за патоказите и ознаките на комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

Целта на проектот беше унапредување на туризмот во главниот град и Македонија. 

Тој се состои од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.

Приказната за овој комплекс заврши во октомври 2018 година кога компанијата „Тинекс“, која беше првиот концесионер на комплексот од неговото отворање во 2016 година, информираше дека нема економска исплатливост и дека комплексот во континуитет работел со загуби. Граѓаните се уште сметаат дека затворањето на комплексот значеше сериозен удар за туристичката понуда во Скопје. 

Минатата година, министерот за економија Крешник Бектеши, кога ги претставуваше плановите за неговиот следен четиригодишен мандат како еден од преоктите го наброја и тој, „Македонско село“ да стане „Стартап село“. Бектеши тогаш рече дека „Македонско село“ е еден од приоритетите и веќе се работи на преоктот како да се претвори во стартап-село, каде што младите од земјава и странство ќе имаат можност да основаат бизниси без да плаќаат режиски трошоци. Но, и овој проект остана само на хартија. 

Граѓаните спортуваат, планинарат и пешачат, но не го тргаат погледот од градбите и куќите кои автентично ја раскажуваат историјата на Македонија.

На социјалните мрежи, по форумите и на самото место случајните минувачи со жалење коментираат дека треба да се најде начин овој објект повторно да се оживее и да продолжи автентично да ја раскажува приказната за Македонија.