(ФОТО) Еден град, илјадници лични битки: Скопје денеска трчаше, бодреше и славеше

Скопје денеска повторно живееше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија градските улици, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации.

Аплаузи, бодрење, сонце и добра енергија го претворија денот во вистинска прослава на спортот, со Скопје во центарот на една голема маратонска приказна.

Во маратонската трка, Кенија ги освои првите две места во машка конкуренција. Најбрз беше Дерик Чеге Нјороге со време од 2:12:56, втор заврши Едвин Кимару Косгеј со 2:13:20, додека третото место го освои македонскиот маратонец Дарио Ивановски со време од 2:13:48.

Кај жените, Кенијките ги освоија сите три места на подиумот. Долфин Кемунто Нјагака победи со време од 2:32:05 и постави нов рекорд во женска конкуренција. Втора беше Мерси Џебичии Кипкемои со 2:39:39, а трета Естер Чесанг Какури со 2:40:18.

Кенија доминираше и на полумаратонот. Во женска конкуренција победи Валентин Џебет со 1:13:15, пред Чарен Чепкепмои со 1:15:08 и Нанси Гитаига со 1:17:24.

И во машка конкуренција целиот подиум им припадна на кенијски тркачи. Најбрз беше Кенеди Кипкемои Роно со 1:05:26, втор Хилари Киптум Мајјао Кимајо со 1:06:11, а трет Џон Њугуна Курија со 1:06:59.

На трката на 5 километри, пак, домашните натпреварувачи стигнаа до врвот во двете конкуренции. Кај мажите победи Андреј Арсов со 16:28, пред Гилман Јунуза со 16:35, додека трет беше Швеѓанецот Фредрих Урбон со 16:43.

Во женска конкуренција триумфираше Хајдари Ирма со 19:43, втора беше Емили Ивановска со 20:53, а третото место го освои Црногорката Лана Ивковиќ со 21:00.

Но, денешниот маратон не го одбележаа само времињата и пласманите.

Скопските улици беа исполнети со учесници на маратонот, полумаратонот, трката на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетната трка. Се трчаше со пријатели, со семејството, во тимови, но и покрај илјадници луѓе кои можеби за првпат се сретнаа токму на стартната линија.

Меѓу учесниците имаше искусни маратонци, рекреативци, тркачи од сите генерации, како и бројни странски гости кои викендот во Скопје го искористија за да бидат дел од настанот и да го почувствуваат градот во неговото најраздвижено издание.

Долж патеката тркачите имаа поддршка на секој чекор – освежителни станици со вода, електролити и овошје, места за дополнување енергија и медицинска помош. Музичките точки и настапите низ градот дополнително ја подигнаа атмосферата, а голем број волонтери се грижеа за поддршка на учесниците од стартот до целта.

Полните улици и публиката која не штедеше глас беа дел од сликата на денешното скопско утро. Од најмладите до највозрасните, од домашните тркачи до гостите од десетици земји, сите беа дел од иста спортска енергија.

За многумина денешниот ден не беше само прашање на време и пласман. Беше лична битка, поставена цел, надмината граница или едноставно можност Скопје да се доживее на поинаков начин – трчајќи низ неговите улици со поддршка од луѓето покрај патеката.

Со рекордни 15.050 учесници од 63 земји, 22. Виз Ер Скопски маратон уште еднаш покажа дека е многу повеќе од спортски натпревар – ден кога градот трча, бодри и слави илјадници лични победи.