Двајца државјани на Република Северна Македонија, маж и жена од албанско потекло, загинаа рано утринава во тешка сообраќајна несреќа што се случила на автопатот Белград – Ниш, кај клучката Умчари, објавија српските медиуми.

Несреќата се случила кога патничко возило марка „сеат“, со германски регистарски таблички, излетало од коловозот. Според неофицијални информации, возачот изгубил контрола над возилото, удрил во заштитна ограда и сообраќаен знак, по што автомобилот завршил надвор од патот.
Неофицијално, како што пренесуваат српските медиуми, возачот најверојатно изгубил контрола и излетал од патот, при што не се исклучува можноста трагедијата да е резултат на замор и заспивање зад воланот.

Мажот и жената кои се наоѓале во возилото починале на самото место, додека трет патник се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен на болничко лекување.

На местото на несреќата интервенирале итните служби, а увидот и истрагата се во тек. Надлежните органи продолжуваат со постапката за целосно утврдување на причините и околностите под кои се случила несреќата.