(ФОТО) Дрон со термална камера за првпат во акција за пронаоѓање на исчезнат човек во Охрид

Планинската спасителна служба од Охрид во сабота вечерта со специјализиран дрон со термална камера успеала да пронајде исчезнат човек, кој од непознати причини се упатил кон Студенчишкото Блато, информираат од охридскиот Црвен крст, наведувајќи дека ова е првпат да се употреби новата опрема на терен во потрага по исчезнат.

Во објавата на Фејсбук, од Црвен Крст Охрид информираа дека во сабота, во 21:40 часот, Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид примил повик за потрага по повозрасен сограѓанин кој, од непознати причини, се упатил кон Студенчишкото Блато.

„Поради исклучително тешките услови на теренот – густа вегетација, кал и ноќни услови – во акцијата за првпат беше употребено специјализираното беспилотно летало DJI Mavic 3T, опремено со термална камера. Оваа современа опрема, која неодамна ја набави Црвен крст Охрид, е наменета за операции за пребарување и спасување на изгубени и исчезнати лица на тешко пристапни терени, како и за откривање активни жаришта при шумски пожари на непристапни планински подрачја, кои тешко можат да се забележат со голо око“, се посочува во објавата.

Од таму додаваат дека дронот бил набавен со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), во рамките на проект што Црвен крст Охрид го спроведува во партнерство со Урсус Спелеос – Скопје и Национален парк Галичица, а кој е насочен кон намалување на последиците од климатските промени и јакнење на капацитетите за одговор при природни непогоди.

Акцијата инаку, била успешно завршена во 23:15 часот со пронаоѓање на лицето, кое, за среќа, било неповредено.

„Во акцијата, покрај спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, учествуваа и припадници на ТППЕ Охрид, како и членови на семејството на исчезнатото лице. Упатуваме благодарност до сите учесници за нивната брза реакција, професионалност и одлична координација, кои придонесоа акцијата да заврши успешно“, порачаа од Планинската спасителна служба.