Фокусирани сме на она што нема да го толерираме, но забораваме како се однесуваме кон луѓето околу нас

Денес сите се опседнати со самoљубов, самогрижа, самозадоволство.

Photo by jae Hail on Unsplash

Јас, јас, јас. Постави граници. Прекини контакт. „Само пушти ги“ другите да прават што сакаат, додека ти седиш недопрен, смирен. Тоа стана основниот јазик на современата самопомош. Главниот фокус е како да се заштитиме од „токсични“ луѓе, од туѓото лошо однесување. Од избегнувачите, нарцисите, грубите, премногу интензивните, недоволно интензивните и сè помеѓу. Целиот разговор се врти околу тоа кој ни штети и како да се тргнеме од нив.

Но каде е разговорот за влијанието на нашето сопствено однесување? Каде е прашањето како ние се однесуваме кон другите, како се појавуваме во односите и што навистина значи тоа што го нарекуваме „работа на себе“ кога станува збор за реална промена во врските со луѓето? Овој дел речиси и да не постои. Затоа што самопомошта, во својата суштина, најчесто е фокусирана само на себе. Ова многу лесно се претвора во култура на „јас на прво место“, маскирана како просветлување.

Лесно е да се каже: „Јас не дозволувам луѓето да се однесуваат така со мене.“ Лесно е некој друг да се прогласи за проблем. Многу потешко е да се каже: „Јас не си дозволувам себеси да се однесувам така со другите.“ Потешко е да се погледнеме во огледало и да преземеме одговорност за начинот на кој се појавуваме во односите, а потоа навистина да се промениме, наместо да си го објаснуваме однесувањето со која било причина што ни одговара во тој момент. 

Понизноста и интегритетот се зачудувачки ретки во култура која е опседната со самопомош. Тогаш се поставува прашањето: Дали луѓето воопшто знаат што значи интегритет денес? Интегритетот е тивката внатрешна линија што не ја преминуваме. Тоа е личната граница што нè дефинира кога никој не гледа. Тоа е способноста да ги регулираме своите импулси, реакции и избори, не затоа што сакаме да изгледаме добри, туку затоа што сакаме да живееме одговорно. Без интегритет, границите лесно можат да станат уште една форма на контрола. Начин да ја менаџираме сопствената анксиозност, наместо посветеност на одреден начин на постоење.

Не зборувамe за недостижни, засрамувачки стандарди. Зборуваме за многу реални, речиси здодевни принципи, кои сепак менуваат сè: ќе одговарам со почит. Ќе ја кажам вистината. Ќе поправам кога ќе повредам. Нема да дозволам мојата лична траума да биде проблем на некој друг. Ова не звучат како инспиративни мантри, но токму тие ја градат довербата и безбедноста меѓу луѓето.

Интегритетот поставува потешки прашања. Дали зборувам со почит дури и кога сум лут/а? Дали го исполнувам тоа што го ветувам? Дали се однесувам на начин што создава сигурност и доверба? И ако не, дали преземам одговорност или се бранам со објаснувања? Би помислиле дека овие прашања се очигледни, дека интегритетот е универзален стандард. Но не е. А луѓето кои не ги поставуваат овие прашања, или ги поставуваат предоцна, денес се охрабрувани од општата културна атмосфера.

Секој подкаст, секој TikTok терапевт, секој љубовен тренер ја повторува истата реченица. Кога ќе го направат ова, замини. Кога ќе го кажат тоа, тргни се. Заштити ја својата енергија. Избери се себеси. Нивните чувства не се твоја одговорност. Најди партнер кој ќе го прави ова за тебе, ќе те натера да се чувствуваш онака, никогаш нема да те тригерира. Сè е фокусирано на тоа што добиваш, а не на тоа што носиш во односот.

Секако дека има вистина во сето ова. Но разговорот некако стана едностран. Ги учиме луѓето постојано да го проценуваат однесувањето на другите, да се штитат, без никогаш да го преиспитаат сопственото. Без дури и да ја земат предвид потребата од емпатија и сочувство кон другите. Така, мојот мир станува поважен од твојот мир, затоа што ми е „дозволено“ да бидам себичен/а. Имав тежок ден. Имам траума. И да, треба да го заштитиме сопствениот мир, особено во свет каде што малкумина го прават тоа. Но тука е проблемот. Сите се обидуваме само да се заштитиме.

Но, без интегритет, без одговорност за тоа како влијаеме врз другите, заштитата лесно се претвора во изолација. Во свет во кој сите се грижат за себе, но никој не се грижи како неговото „јас“ се судира со другите. И можеби токму тука е празнината што толку многу ја чувствуваме денес. Не затоа што не се сакаме доволно, туку затоа што заборавивме дека љубовта, зрелоста и растот секогаш се одвиваат во однос со другите.