Фискалниот совет предлага да се оди во пензија на 67 години

Старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години бара Фискалниот совет, државна институција чиј основач е Собранието. Ова би важело од 2026 година, а треба да го изгласа владеачкото мнозинство.

Академик Абдулменаф Беџети, професорката од Економски факултет Мирјана Трпеска, како и долгогодишниот банкар и професор Глигор Бишев, сечленови на Фискалниот совет кој мониторира како власта го крои буџетот и менаџира со јавниот долг на државата, и укажува дали тоа е добро или лошо за фискалната одржливост на државата.

Ова тело одамна беше заговарано, најмногу од странскиот фактор, а беше формирано лани со цел да биде еден вид контролен механизам на секоја една власт против високи буџетски дефицити и нивоа на јавен долг.

Членовите на Фискалниот совет, како што и беше предвидено, ги предложија три институции, и тоа Македонската академија на науките и уметностите, потоа Државниот завод за ревизија, како и Народната банка на Македонија.