Финишира асфалтирањето на улица Новопланирана 4А во Криви Дол

Надлежните од Општина Карпош ги финишираат градежните работи на улицата Новопланирана 4А, во населеното место Криви Дол и деновиве во тек е поставувањето на последниот асфалтен слој на коловозот на оваа сообраќајница.

– На терен работат екипите на ЈП „Улици и патишта“, кои завршуваат со реконструкцијата. Улицата е во должина од 370 метри и истата таа повеќе години беше во руинирана состојба. Оваа сообраќајница претставува пристап за поголем број домаќинства и со обновата ќе се зголеми безбедноста за жителите од оваа населба – велат од Општина Карпош.

Неодамна, во овој реон Општината направи и ново детско игралиште, се поставија и нови клупи за седење, осветлување и канти за отпадоци. Исто така, значително се раззелени делот околу детската зона, а одговорните од Општина Карпош велат дека продолжуваат да ги развиваат и периферните делови, кои повеќе години изгледаат отсечено од урбаното јадро.