На 19.07.2024 година со почеток во 11:30 ч. во Конгресната сала на Хотел Дрим во Струга, се одржа прес конференција на која директорот на СВП, Тодорче Тасевски, ги соопшти деталите за Програмата на годинешното издание на Фестивалот.
"Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и годинава, во вообичаениот термин, на крајот на август, од 22 до 26 август во своето автентично издание на препознатливите локации.
Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Дом на поезијата, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.
Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на Убавината, отелотворена во поезија. Но исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и рељефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.) Оваа година, го имаме францускиот лауреат, истакнатиот поет Жан Пјер- Симеон. Поетскиот портрет на лауреатот е на 24 август и според традицијата ќе се одржи во катедралната црква Св. Софија во Охрид. Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.
Оваа година, во рамки на Програмата на фестивалот ќе бидат одбележани годишнините на двајца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамки на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви професорката Кристина Николовска од катедрата за македоска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во рамки на пригоден настан, „Декади поезија“, ќе бидат одбележани годишнините на живот и творештво на петмина истакнати македонски поети. Во рамки на Програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешната добитничка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината
дебитанска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“),како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни. Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година, во рамки на Фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската Комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен редовните публикации: Монографијата за добитникот на Златен Венец, Зборникот на Фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата Браќа Миладиновци, изданието на добитникот на наградата Мостови на Струга, ќе биде издадена Антологија насловена „Од поети за поети“ чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет Милован Стефановски. Оваа антологија содржи избор на песни од македонски поети, коишто се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде издаден избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Исто така, ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“,
Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тројазични избори на поезија на двајцата избрани поети во рамки на платформата Версополис.
Свеченото отворање и свеченото затворање на СВП ќе се одвиваат на препознатливите локации, а во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“,кој исто така, е еден од нашите главни поддржувачи, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.Медиумски покровител на Фестивалот е Македонската Телевизија која што ќе врши директнен пренос на главните настани.
„Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.