Фекална канализација во „11 Октомври- бараки“, трет капитален проект за роденденот на Општина Кисела Вода

Денеска градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски го промовираше третиот од седумте капитални инфраструктурни проекти во рамките на роденденската седмица на Општина Кисела Вода.

Се работи за изградба на фекална канализација на улицата “Петар Драпшин” во должина од 1350 метри со што се решава еден голем проблем на жителите на урбаната заедница „11 Октомври бараки“.

-Продолжуваме со промоцијата на третиот од седумте капитални инфраструктурни проекти во рамките на роденденската седмица на Општина Кисела Вода. Ако во првите два дена отворивме нов парк и финализиравме со санација на три клучни улици, денес реализираме проект за изградба на подземна инфраструктура. Се наоѓаме на улицата “Петар Драпшин” во урбаната заедница 11 Октомври Бараки, каде се гради фекална канализација. До крајот на јули, жителите на овој дел од општината ќе ги надминат досегашните проблеми кои ги имаа поради малиот профил на цевките од постојниот канализационен систем. Новата фекална канализциона мрежа во должина од 1350 метри со 29 нови шахти ќе може да одговори на густо населената населба, но и на развојната зона која се создава со изградбата на нови станбени објекти и растежот на Општина Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и ги покани присутните граѓани, но и сите жители на Општината да бидат дел од роденденската прслава и од Културното лето.