ФАО: Земјоделци што продаваат на влажни пазари и добавувачи на суровини за фармите најпогодени од коронавирусот

Пазарите во регионот се добро снабдени со главните прехранбени производи и имаат поволни услови за производство на главните култури како пченица. Сепак, земјоделците што продаваат на влажни пазари, добавувачи на суровини за фармите и транспортните услуги се меѓу најпогодените од коронавирусот. Ова го покажува новата публикација на Организација за храна и земјоделствона Обединетите нации (ФАО), „Регионална состојба на пазарите на храна и билтен за политики како одговор на пандемијата ковид-19", која го разгледува регионот на Европа и Централна Азија.

Во публикацијата се наведува дека вредносниот синџир за риба е најпогоден во целина, а потоа млекото и млечните производи, сточарството, зрнестата храна и мешунките.

Како што соопшти ФАО, земјоделците што продаваат на влажни пазари, добавувачи на суровини за фармите и транспортните услуги се меѓу најпогодените.

Производителите на храна, исто така, се соочуваат со недостаток на простор за складирање на своите производи, а крајните рокови на храната станаа грижа. Продажбата опадна на двата краја на синџирот на снабдување, при што потрошувачите купуваат помалку храна, а добавувачите на инпути и суровини се соочуваат со раст на цените на увезените производи. Ова може да има ефекти врз земјоделците затекнати во средина, информира Организацијата.

ФАО ги советува владите итно да развијат механизми за олеснување на проблемите со готовина со кои ќе се соочат земјоделците во тековната сезона на сеидба.

Врз основа на резултатите од истражувањето, ФАО ги препорачува следниве итни политики: подобрување на здравствената заштита и мобилноста за земјоделците, превозниците на храна и работниците во прехранбената индустрија; обезбедување достапност на суровини за земјоделските култури за претстојната сезона и во сточарското производство со овозможување на пристап до „зелените коридори"; проценка на капацитетите за ладно складирање и минимизирање на загубите и отпадот на храна преку програми за социјална заштита.

Владите имаат за цел да обезбедат доволно залихи за домашните потрошувачи и да избегнат зголемување на цените на главните производи како одговор на пазарните шокови и неизвесноста предизвикани од пандемијата КОВИД-19, се наведува во соопштението на ФАО.