
Србија се соочува со можност да изгуби и до 1,5 милијарда евра од фондовите на Европската Унија, додека Европската комисија ја разгледува можноста за суспендирање на финансирањето поради демократското назадување на земјата и блиските врски со Русија, пишува Нова.рс.
Како што пренесува српскиот медиум, повикувајќи се на текст на бриселски „Политико“, иако Србија не е членка на ЕУ, од почетокот на преговорите за пристапување во 2014 година, земјата има право на средства и грантови наменети за спроведување на реформите.
-Се повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија. Од закони што ја поткопуваат независноста на судството до потиснување на протестите и постојано мешање во независните медиуми. Комисијата проценува дали земјата се уште ги исполнува условите за исплаќања од финансиските инструменти на ЕУ – рече Кос.
Сумата што се споменува не е случајна. Во последниот извештај за Србија, Европската комисија наведува дека земјата може да смета на индикативна алокација од 1,586 милијарди евра преку грантовите за реформи и раст (Reform and Growth Facility) за Западен Балкан.
Претходно, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Србија, во рамки на европскиот план за раст, треба да добие 1,5 милијарди евра, со префинансирање од 110 милиони евра како прв чекор.
Она што засега недостига е официјална потврда дека овие средства навистина ќе бидат блокирани, пренесува медиумот. Во јавно достапните документи на Европската комисија нема објава за конечна одлука за суспензија на финансирањето за Србија.