Европа ги сака македонските производи, но на истите им недостигаат европски стандарди

Пазарите во Европа немаат бариери за увоз на македонски производи, но она што им недостига на македонските компании е што треба да имаат исполнето соодветни стандарди коишто се признати во Европската унија.

На ова укажуваат и од Стопанската комора на Македонија и странските компании кои гледаат потенцијал за соработка со македонските фирми.

– Гледаме голем потенцијал за соработка со македонскиот пазар, а впрочем тоа го покажуваат и бројките, односно во првата половина од оваа година трговската размена е зголемена. Особена вредност се става на квалитетот на изработката. Имено се бараат партнери кои поседуваат сертификати признаени во Европската унија, вели Марлине Бургсталер, заменик раководител на Трговското одделение на австриската Амбасада во Република Србија одговорна и за Македонија, која денеска е во Скопје заедно со претставници на австриски компании од металната и електроиндустријата.

И од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека исполнувањето на европските стандарди е она што им недостига на македонските компании.

– Австрискиот пазар и пазарите во Европа немаат бариери за увоз на македонски производи, особено од металната и електроиндустријата, но она што во многу наврати, во можностите за соработка, се забележува е недостигот на соодветни стандарди коишто македонските комании треба да ги исполнат за да може да бидат сериозни конкуретни на пазарите во Европа, изјави Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија пред денешните деловни средби меѓу македонски и австриски компании.

Дел од странските компании дури имаат и експертски тимови кои им се ставаат на располагање на партнерите со цел да им помогнат во достигнувањето на европските стандарди.