ЕВН доби понуда од ЕСМ за цената на струјата, ќе биде за 3.33 отсто поскапа од претходната

ЕВН Хоме извести дека АД ЕСМ до нив испратила најповолна понуда за купопродажна цена на електричната енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини. Оваа цена се однесува за периодот јануари-јуни 2025 година и е за 3,33% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јули-декември 2024), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 60 евра за мегаватчас.

„За покривање на загубите на електрична енергија, на одржаните тендери Електродистрибуција доби просечна цена од 106,04 евра за мегаватчас. Претходно оваа цена изнесуваше 105,00 евра за мегаватчас.

Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри“ се вели во соопштението.

Од ЕВН посочуваат дека во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.