ЕСМ: Саниран е пожарот во РЕК Битола, комбинатот работи со еден блок

Саниран е пожарот кој изби синоќа во РЕК Битола, и на местото се врши увид од страна на стручни екипи од АД ЕСМ за утврдување на причините.

Како што информираат денеска од АД ЕСМ пожарот започнал на еден од изолаторите на надворешниот трансформатор на Блок 3 и со брза интервенција на противпожарните служби огнот бил изгаснат.

-Не се дозволија дополнителни хавариски оштетувања. Локацијата е обезбедена и екипи на АД ЕСМ и на надлежните служби ќе ги истражуваат причините за настанот. АД ЕСМ најостро ги демантира сите шпекулации за наводно нестручно и несовесно работење и оперирање, со оглед на тоа што се работи за процес на производство со опрема стара над 40 години. За компанијата е најважно што нема повредени лица во при настанувањето на пожарот и неговото санирање, се вели во соопштението.

Од АД ЕСМ додаваат дека во случаи на пожар, од безбедносни причини проработува автоматската заштита и таа синоќа реагирала со исклучување и на Блок 1. За помалку од еден час Блок 1 бил рестартиран и вратен, и од денеска во утринските часови работи со полн капацитет.

-Со оглед на тоа што оштетувањето на трансформаторот на Блок 3 е од поголеми размери, истиот одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем. Истовремено, Блок 2 беше во редовни сервисни активности за подготовка за работа од декември, но со оглед дека има потреба од побрзо вклучување, од следната недела и Блок 2 ќе функционира со полн капацитет, велат од АД ЕСМ.

Оттаму додаваат дека ТЕЦ Осломеј во моментот е во редовен сервис за негова подготовка за континуирано производство на електрична енергија од декември до април 2022 година, со 300 илјади тони набавен јаглен за кои постапката ќе финишира во следните неколку дена.

Останатите капацитети на АД ЕСМ, хидроелектраните Црн Дрим, Маврово, Треска и Тиквеш,  гасната електрана Енергетика- Скопје и ветерниот парк Богданци се во функција.