ЕСМ Продажба објави повик за снабдување со природен гас за март

ЕСМ продажба објави јавен повик за набавка на природен гас за март годинава за останати потрошувачи на природен гас во земјава кои снабдувањето ќе го вршат преку оваа компанија.

- ЕСМ Продажба спроведува постапка преку јавен повик за прибирање понуди од домашни и странски лиценцирани фирми регистрирани за дејноста кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребна количина природен гас за март 2023 година за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во Р Северна Македонија, кои снабдувањето ќе го вршат преку ЕСМ Продажба, соопштуваат од компанијата.

Јавниот повик трае од денеска до 24-ти месецов и понудувачите на него треба да достават податоци за нивната понуда во однос на техничките карактеристики на гасот, земја на потекло, гаранција, фиксна цена за MWh, но и вкупна количина која се нуди. Исто така потребна е и изјава од одговорното лице на понудувачот дека може да ги обезбеди наведените количини во периодот за кој се дава понудата, односно за март на точка на испорака главна мерна станица (ГМС) Жидилово Република Северна Македонија.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на ЕСМ АД.