Емоционална исцрпеност: Што претставува и како да ја препознаете?

Што претставува емоционалната исцрпеност?

Photo by Doğukan Şahin on Unsplash

Тоа е состојба во која не се чувствуваме добро, преоптоварени сме, уморни и нашето чувство е како да сме исцедени, а не можеме сосема да објасниме зошто. Ваквата состојба често се јавува како резултат на акумулиран стрес од личниот и професионалниот живот или пак комбинација и на едното и другото. 

Причините можат да бидат различни за секој од нас, бидејќи сите ние реагираме различно. Но, важно е да обрнеме внимание на ваквата состојба, кога ќе дојдеме до неа и да се потрудиме да направиме нешто за тоа.

Ова се знаците кои можете да ги препознаете.

Се чувствувате демотивирано

Емоционалната исцрпеност е еден од симптомите на „прегореност” е и недостатокот на волја и мотивација да се посветиме на нашите обврски, без оглед на тоа колку се важни или големи. Едноставно посакуваме да лежиме и да не правиме ништо.

Намален праг на толеранција

Можеби се чувствувате вознемирено или пак попесимистично од вообичаено? Тоа често завршува со налет на бес или пак лошо расположение  во кое тешко можете да толерирате некои работи. Во таквите моменти чувствувате немир и како да сте на прагот да се развикате некому.

Промени во апетитот

Кај некои луѓе се јавува намалено чувство за глад, а кај други пак зголемен апетит. Но, во секој случај, промените се евидентни и можете да ги забележите кај себе. Ова е еден од клучните знаци за емоционална исцрпеност.

Уморни сте преку ден, а навечер не можете да заспиете

Голем дел од студиите поврзани со емоционалната исцрпеност покажуваат дека чувството на замор е присутно во текот на целиот ден, без оглед на тоа што правиме, но навечер, голем дел од луѓето се соочуваат со тешкотија да заспијат, бидејќи имаат чувство како да не можат да ги смират мислите.

Правите грешки кои вообичаено не би ги направиле

Емоционалната исцрпеност со себе носи недостаток на концентрација, внимание и помнење. Во тој случај, нашето тело е во грч и се труди да се избори со таквата состојба, па затоа и ни е тешко да обрнеме внимание на сите работи кои би ги правеле во еден вообичаен ден.