Повеќе од 15 години е дел од Македонскиот народен театар за кој вели дека е негов втор дом, а од неодамна застана на чело на најголемата театарска куќа во земјава. Никола Кимовски, новоизбраниот директор на МНТ, во ексклузивно интервју за Скопје Инфо, искрено и непосредно, со многу љубов кон оваа културно-уметничка институција, зборува за предизвиците со кои ќе треба да се соочи „очи в очи“.
Кимовски за МНТ вели дека има свој сон, а тоа е да го направи водечки театар не само во земјава, туку и во регионов. Неговата главна забелешка во однос на претходната власт е во нивниот арогантен и срамен однос кон театарот.
Скопјани, но и сите вљубеници во театарската уметност, може да очекуваат летна сцена, до кејот на реката Вардар, која ќе го носи името на починатиот актер Славиша Кајевски, а Кимовски најави и театарски тури наменети за најмладата публика.
Неодамна ја презедовте функцијата директор на националната установа МНТ. Каков предизвик е за Вас новата функција? На што особено ќе бидете фокусирани во работата?
Вработен сум во Македонскиот народен театар од 2007 година и буквално, овој театар за мене претставува мојот втор дом. Затоа ја користам приликата, во ова интервју, да му се заблагодарам на министерот за култура Зоран Љутков, кој безрезервно, уверено и сигурно ми ја додели задачата јас да бидам новиот в.д. директор на најстарата театарска институција во државата, Македонскиот народен театар.
Предизвикот за мене е мотивирачки и од особена важност, бидејќи имам ретка шанса да сум на позиција во која ќе имам можност да ги решам проблемите кои долги години биле пречка во работата на овој театар и да го остварам мојот сон - МНТ да биде еден од водечките театри во регионот, а од друга страна, знам дека најголем дел од вработените во тој театар го очекуваат истото од мене. Мојот фокус ќе биде во продукцијата на театарот и во публиката, во нивните желби, потреби и очекувања, особено во младите, едноставно ќе се обидам секој од нив да се почувствува дека е значаен дел од МНТ, затоа мојата цел е овој театар да биде апсолутен лидер во државата, да влегува во сериозни копродукции, да остварува гостувања на значајни фестивали, да биде секогаш отворен, флексибилен, инклузивен, разновиден, прагматичен, светска класа на театар - театар за секого!
Во каква состојба ја затекнавте установата? На што имате забелешки во однос на работата на МНТ во претходните години? Дали имате планови за зафати во ентериерот и на екстериерот?
Во мојот случај како нов в.д. директор јас не затекнав ништо ново, бидејќи мојата прва обиколка на овој театар беше заедно со почитуваниот професор и режисер Љубиша Георгиевски, кога тој беше во својство на уметнички директор, а театарот беше сѐ уште во почетна фаза на градба - карабина. Потоа работев во процесот за отворање на театарот, претставата „Вечната куќа“ и морам да признаам дека уште од тогаш, ние вработените во тој театар започнавме да ги согледуваме добрите и лошите страни на објектот, но сепак од перспектива на театарски работници кои доаѓаат од привремен, но стар објект за театар МНТ-Центар. Добивме нов театар и бевме многу среќни! Веднаш по отворање на театарот се соочивме со голема поплава која ја направи првата сериозна штета на театарот. Потоа започнаа проблемите со протекување на балконите при секое големо невреме, за потоа да се случи уште една голема поплава. Главниот проблем, според мене, е што уште на самиот почеток не е склучен договор со овластена фирма за одржување на ентериерот и на екстериерот на театарот и во секоја наредна година штетите стануваа сѐ поголеми.
Мојата главна забелешка во однос на претходната власт е во нивниот арогантен и срамен однос кон театарот. Тие не само што го заборавија театарот и вработените во таа институција, нивните работнички права и не создадоа нормални услови за функционирање на театарот, најтажното од сѐ е што ја заборавија публиката, која секоја вечер во огромен број доаѓа да ужива во нашите претстави, а влегува во театар во кој не е инвестирано со години. На тој начин, МНТ го оставија бавно, од година на година сѐ повеќе да пропаѓа. Но, отсега па натаму тоа нема да го дозволиме! Направено е детално утврдување на штетите во ентериерот и на екстериерот на театарот, наскоро ќе се започне со санација на балконите и лифтовите и ќе се обидеме од сопствени средства или со спонзорства постепено да го реновираме ентериерот во театарот и да инвестираме во сценската механика, и сценската опрема.
Редовната репертоарска програма ќе започне во септември. Што ќе биде ново, што да очекуваат љубителите на театарската уметност?
Како новитет во новата театарска сезона ја отвораме летната сцена, до кејот на реката Вардар која ќе го носи името на починатиот актер Славиша Кајевски. Во последните десетина години, за жал, изгубивме многу наши колеги, значајни актери, сценски техничари, портири, но болката од загубата на нашиот Славчо остави длабока лузна кај голем дел од вработените во МНТ, бидејќи неговиот живот згасна прерано.
Славиша Кајевски беше алката која ги поврзуваше сите сектори на театарот во една убава и хармонична целина и беше главниот мотор во секој проект независно дали имал мала или голема улога. Затоа оваа сцена го носи неговото име.
Летната сцена ќе започне на 17 септември со музичко-драмскиот перформанс „Црнила Ремикс“ од Коле Чашуле во режија на Јордан Симонов. Во преговори сме со Игор Џамбазов, Пијан Славеј, Сашко Костов, Сиз, Националниот џез оркестар, популарни домашни диџеи, планирани се изведби на наши помали претстави како и гостувања на претстави од останатите театри во државата. Во моментов програмата за летната сцена е сѐ уште во изработка и морам да кажам дека интересот од публиката е огромен, а исто така и од артистите што сакаат да земат учество во неа.
Како втор новитет ќе бидат едукативните програми „Учиме театар заедно со Македонскиот народен театар“. Станува збор за театарски тури наменети за најмладата публика која со помош на релевантни театарски професионалци ќе открива, ќе инспирира и ќе развива театарски вештини и ќе ја искуси возбудата од театарската сцена. Овие програми ќе се реализираат преку инспиративни проекти во самиот театар, наменети за средните и основните училишта низ целата држава, а исто така даваат можност за учество на љубители на театарската уметност од сите возрасти. Веднаш по колективниот одмор на театарот, започнуваме со паралелна подготовка на три театарски претстави. Првата претстава е проект за кој сум особено среќен што ќе започне да се реализира, а тоа е „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, кој мајсторски го направи изборот од моќна екипа. Претставата „12“ ќе биде работена по мотивите (12 Angry man) од Реџиналд Роуз. Втората претстава е „Бели ноќи“ во режија на Звездана Ангеловска (копродукциски проект), а третата е „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски во режија на Нина Николиќ (копродукциски проект). Од ноември започнуваме со реализација на уште два нови проекти тоа се „Народен пратеник“ на значајниот српски режисер, Егон Савин, по текст на Бранислав Нушиќ и претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) по текст на Јасмина Реза во режија на Весна Петрушевска.
Во однос на вработените, колку важно според Вас, да градите комуникација, како ќе ги унапредувате нивните права како вработени? На што се жалат најмногу?
Како менаџер во тој театар, воспоставувањето на одлична комуникација со вработените е еден од моите приоритети во работата. Јас многу добро ги познавам вработените во тој театар и можам со сигурност да кажам дека во МНТ работат врвни професионалци во својата област, актери со блескави кариери, многубројни награди, интернационални успеси и многу признанија.
Администрацијата во театарот е на високо ниво, а бидејќи сум работел на проекти во многу познати театри во Европа, можам да ве уверам дека вработените во сценската техника во МНТ се едни од најдобрите во регионот. Проблемот што ќе се стремам да го решам е што голем дел од вработените немале прилика да се реализираат во потполност и да блеснат со сиот свој сјај, не им е пружена добра прилика и не се реализирани нивните идеи во целосното функционирање на театарот.
Недостасуваат многу нови млади актери во ансамблот, а скоро во секој сектор на театарот заради големиот обем на работни активности недостасуваат нови луѓе. Една од главните причини за незадоволство е систематизацијата. Овој проблем исто како објектот на театарот, долги години претставува пречка во работата на вработените. Се надевам дека во иднина конечно ќе се реши овој проблем и навистина би бил среќен тоа да се случи додека јас раководам со овој театар.
Идната година е јубилејна за МНТ, односно во 2025 година одбележува 80 години од основањето. Имате ли веќе планови како ќе се одбележи јубилејот?
За наредната 2025 година, веќе постои предлог-програма од претходната управа на театарот, во која, за жал, освен изработка на монографија по повод 80-годишниот јубилеј, не се предвидени дополнителни средства кои се прилог кон јубилејот. Секако дека имаме големи планови за одбележување на јубилејот кои според мене треба да траат во текот на целата година, а самиот јубилеј да биде крунисан со премиера на голем театарски проект. Во моментов, заедно со мојот тим, работиме на подготовка за годишната програма за наредната година во која фокусот е јубилејот 80 години МНТ!
Според Вас, што ѝ недостасува на театарската уметност во Македонија?
Поголеми средства за реализација на проектите, вработување на нови млади актери и театарски работници, да се даде поголема шанса на младите режисери, поголема застапеност на македонските драми на сцените, обнова на постоечките театарски објекти и изградба на нови.
Поголема активност на театрите во меѓународната соработка преку вмрежување, копродукција или долгорочно партнерство со други театри во регионот како и копродукција на проекти со домашната независна сцена. Гостувања, турнеи и активно учество на релевантни театарски фестивали во Европа.
Реализација на проекти на големи имиња од театарската уметност како домашни така и надворешни режисери, сценографи, костимографи, композитори, кореографи, кои се веќе меѓународно докажани, наградувани и успешни во својата област.
Посебен фокус на најмладите во стратегијата на работата во театарот на долгорочно - тие се нашата идна публика, затоа потребни се повеќе детски претстави кои ќе бидат на високо ниво, едукативни програми, работилници и мастер-класови. Директорите на театрите не треба да бидат потпрени единствено на средствата од државната каса за реализација на проектите, туку да направат стратешки план за обезбедување на дополнителни финансии преку самофинансирање од спонзорства и донации и ќе градат долгорочни партнерства со фирми поддржувачи на театарската уметност.