Ексдиректорот на болницата во Кичево демантира: Не сум го украл апаратот, голем е колку врата

Поранешниот директор на кичевската болница Станко Трпески за „Слободен печат“ демантира дека го украл апаратот. Тој вели дека според негови сознанија апаратот никогаш не ја напушил болницата.

„Тој апарат е голем колку врата, а во целата болница има камери. На ехо-апаратот има баркод и во која било здравствена установа да завршел – би бил најден. Ниту сум го зел, ниту ми е потребен“, изјави доктор Трпески за „Слободен печат“.

Тој ова го смета за политички исценирана хајка, која има за цел да му ја наруши репутацијата.

„Не ми е филозофијата да расипам нешто, туку да направам нешто. И тоа не му одеше во прилог на некого. Во времето на моето директорување е набавен прв лапароскоп, првото ехо на гинекологија. Конкретниот ехо-апарат за кој ме гонат, во мое време си беше во магацин. Не беше ни отворен, тоа е пакет голем како фрижидер. Не знам дали излегол од болницата, ама според моите сознанија ехо-апаратот никогаш не ја напуштил болницата туку е цело време наоѓан, од еден во друг, во трет магацин. Ова е крими филм, што се обидуваат да ми го направат“, вели тој.

Запрашан зошто апаратот не бил во употреба, тој вели дека двајцата доктори што требало да го користат, биле во Скопје на едукација односно на специјализација и супспецијализација и затоа апаратот не се користел во времето на ковид пандемијата, а и дополнително – во времето на ковид сите други редовни програми биле во мирување.

Инаку, МВР во краток билтен само информираше дека Трпески има кривична пријава зашто „од 08.07.2021 до 07.08.2024, во својство на директор на ЈЗУ Општа болница – Кичево, со намера да се стекне со противправна имотна корист, неовластено присвоил ехо апарат M9 Mindray, кој му бил доверен во службата, како донација од Министерство за труд и социјална политика во вредност од 2.134.482 денари“.