Еко-патролата на „Комунална хигиена“ со засилени активности: Расчистена дива депонија во Аеродром

Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје врши секојдневен надзор на дваесетина локации во сите скопски општини каде што континуирано непрописно се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини, информираат од јавното комунално претпријатие.

Во текот на март, како што посочуваат, се изготвени вкупно 48 едукативно-информативни записници за лица коишто се затекнати при неправилно одлагање градежен и кабаст отпад.

-Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на вчерашниот ден спроведоа активности за чистење на внатрешноста на фонтаните лоцирани во централното градско подрачје коишто сè уште не се пуштени во употреба. Воедно, беше отстранета и обемна дива депонија лоцирана на булеварот „Јане Сандански“, во скопската општина Аеродром, при што се подигнати приближно пет кубни метри кабаст и градинарски отпад, соопшти претпријатието.