Скопјани со поделени ставови околу идното решение за јавен сообраќај.
БРТ системот кој беше идеја на претходниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, или еколошки автобуси – што е порационално, поекономично и поеколошко решение за главниот град?
Новата градоначалничка, Данела Арсовска, во предизборието најави набавка на 250 еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси. Тогаш рече дека е за поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина, а како што вети, со соработка со централната власт и меѓународни партнери, ќе има промена на јавниот превоз.
Деновиве се погласни се барањата кон Арсовска, уште еднаш да ја преиспита одлуката за отфрлање на проектот за Брз Рапид Систем – транспорт во Скопје.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, порача дека ова е проект кој е планиран неколку години и согласно одлуките во Град Скопје е поднесено барање во Владата за изнаоѓање средства за финансиска поддршка за што се завршени постапките и се обезбедени средства, а и во Собранието е поминато и одобрено задолжувањето со кредит од 70 милиони евра преку ЕБРД. -Проектот е одлично оценет од меѓународните експерти и со него се решава едно големо прашање, рече Бочварски.
Арсовска пред изборите прецизираше дека проектот за еко автобуси ќе реши многу проблеми, а во исто време ќе направи ред на возење каде интервалот на доаѓање на автобуси ќе се скуси за да биде превозот побрз и почест. Тоа ќе значи помала гужва во автобусите. Во исто време ќе се воведат и почести ноќни линии за викендите.
Граѓаните со поделени ставови. Едни сметаат дека и оние автобуси на гас ќе загадуваат, други сметаат дека со БРТ системот ќе се раскопа градот и дека со тие пари може да се купат еко автобуси. Дел од јавноста прашува и од каде средства за еко-автобусите со оглед дека станува збор за сериозна сума.