
Од 13 до 19 април ќе се спроведува европска акциска контрола на брзината на патиштата, во која се приклучува и македонската сообраќајна полиција како членка на Европската мрежа на сообраќајни полиции – ROADPOL.
Во рамки на акцијата, на 15 април од 00:00 часот до 16 април до 00:00 часот ќе се реализира 24-часовен „Маратон на брзина“, при што ќе има непрекинати контроли на брзината на движење на територијата на целата држава.
Од полицијата информираат дека брзото возење останува една од водечките причини за сообраќајни незгоди со тешки и смртни последици, поради што ваквите акции се насочени кон подигнување на свеста и промена на однесувањето кај возачите.
Со имплементацијата на проектот „Безбеден град“ и редовните сообраќајни контроли се зголемува свесноста за ризиците од брзото возење, се поттикнува долгорочна промена кај учесниците во сообраќајот и, пред сè, се придонесува за спасување на човечки животи.
Дел од локациите на кои ќе се спроведуваат контролите ќе бидат однапред познати на возачите, со цел да се засили превентивниот карактер на акцијата.
Од надлежните потенцираат дека целта не е казнување, туку почитување на ограничувањата и создавање побезбеден сообраќај за сите.
ROADPOL „Speed Marathon“ претставува заедничка акциска контрола која се спроведува истовремено на европските патишта.
Апелот до возачите е јасен – да ја намалат брзината и да ги почитуваат сообраќајните правила, со што директно придонесуваат за поголема безбедност и спасување животи.