Еден ден ќе мораш да застанеш пред огледало и да си објасниш зошто не се грижеше за себе...

Еден ден ќе се разбудиш и ќе видиш дека си сама. Со себе. Еден ден ќе мораш да застанеш пред огледало и да си објасниш сама на себе зошто не се грижеше подобро за себеси. Зошто потребите на сите биле пред твоите. Не е тоа несебично и добро. Тоа е глупаво. Никој нема да се грижи за тебе ако ти прво не го направиш тоа. Не затоа што не сакаат да ти помогнат, туку затоа што мислат дека не ти е потребно. Никој не знае што се крие зад насмевката. Зад она: „Јас го можам тоа“, „Добро сум“, „Нема гајле, можам сама“, „Не мораш“. 

Можеби овој мој живот не го живеев најпаметно, но се трудев. Да се грижам за себеси. Да се сакам себеси. Да се задоволам себеси. Иако некогаш и мене ми беше тешко со самата себе. Иако имаше години кога моите потреби не ми беа важни што мислев дека не ми треба ништо. Излезе дека ми требало.

Секогаш се сеќавам на реченицата која еден човек, кој во тој момент го допре мојот живот, го преврти наопаку и во мене разбуди работи кои со години беа заспани, ми ја кажа додека ме тешеше: „Тебе не ти треба ништо освен раце кои се доволно блиску за да можат да те прегрнат во моментите кога се беспомошна.“ И нон-стоп ја повторувам оваа реченица оттогаш. Затоа што тоа е една од најголемите вистини некогаш кажани. Толку многу раце оттргнав од себеси што заборавив дека понекогаш прегратката е единственото нешто што ти е потребно. Дека понекогаш единствено нешто што ти е потребно е твојата другарка да биде покрај тебе. Мајка ти. Баба ти. Сестра ти. Брат ти. Најдобриот другар од детството. Некој кој е само твој. 

Некој кој никогаш нема да сака да те омаловажува заради себични интереси. Ниту да те повреди, ниту да те обезвреди и да те направи мала и неважна. Никој кој никогаш нема да ти љубомори. Некој кој ќе те чува. Некој кој ќе ти рече: „Немој така, тоа не чини“ и нема да има задни намери, освен намерата да ти помогне. 

Во овој живот пречесто се доведуваме себеси до работ, до последната граница на издржливост, мислејќи дека така треба. Забораваме дека имаме еден живот и непознат број денови кои ни преостануваат. Па трчаш. На работа. Дома. Кон некои лоши и неискрени односи и врски. Слушаш проблеми кои не те интересираат и замараат. Се трошиш. И себеси и своите денови. Залудно си ги трошиш моментите. 

Кога последен пат застана да ги погледнеш ѕвездите и да вдишеш свеж воздух? Јас тоа порано често го правев на прозор додека пушев цигара. Веќе не се дружам со цигарите заради здравјето и грижата кон себеси, но зошто престанав да гледам во ѕвездите и да фантазирам? Кога последен пат направи нешто за себеси? Без да се објаснуваш на никого? Кога последен пат ги откачи сите и беше најдобра што можеш да бидеш? Можеби таа верзија не им се допаѓала на луѓето, но тебе ти беше супер. 

Во животот често се случуваше луѓето кои не ме познаваа доволно да не ме сакаат. Изгледав незаинтересирано, арогантно, размазено. Кога би посакала нешто за себе, би посакала малку повеќе од таа незаинтересираност за проблемите на целиот свет. Би посакала да можам да слушам и да заборавам. Да не ме допира. 

Кога би можела да вратам некои денови од животот, тогаш малку повеќе би ги прегрнувала своите пријатели. Би учела малку помалку. Не би се грижела. Би прекршила некое наметнато правило. Помалку би се плашела. Би си го земала она куче што седеше во маало. Би поминувала повеќе време покрај реката. Не би прергнувала некои луѓе. Би прескокнала некои бакнежи. Би му кажала дека ми се допаѓа, за да не излезе после години и години дека човекот мислел дека не го поднесувам. Би се ослободила од некои отровни луѓе. Помалку би плачела. Повеќе би се забавувала. Би дала отказ. Не би се форсирала да бидам нешто што другите сакаат. Сѐ останато би било исто. 

Би си ги спакувала куферите на 18 години и не би се вратила дома. Не затоа што не си го сакам семејството, туку затоа што би го сакала целиот свет за себеси. Би патувала цело време дури и ако тоа ми ја одзема целата енергија. Би го направила за него и за нас сѐ она што го правев. Би чекала. Трпеливо. Не би пиела алкохол само за да го ублажам стравот. Би се прегрнувала себеси, би се убедила дека сум сила и би се потсетила дека можам. 

Но, не можеш да одиш назад. Единствениот пат којшто го имаш е оној кој е пред тебе. На кој не знаеш колку скалила те чекаат. Уште колку насмевки, солзи, препреки и чудни и речиси непроодни патеки. И затоа мораш да чекориш храбро. Со себеси и заради себе.