Џафери прими делегација на Комисијата за надворешни работи и дијаспора на Собранието на Косово

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска оствари средба со членовите на делегацијата на Комисијата за надворешни работи и дијаспора на косовскиот Парламент, Хаки Абази, Илза Хоти, Фиторе Пацоли и Тиме Кадријај, кои престојуваат во еднодневна посета на нашава земја.

Џафери, како што соопшти неговиот Кабинет, нагласи дека оваа посета претставува дополнително унапредување на конструктивната билатерална соработка меѓу нашето и косовското Собрание, по посетите на високо ниво меѓу двете држави, меѓу кои и неговата официјална посета на Косово, реализирана во март оваа година.

На средбата Џафери го поздрави формирањето на Групата за пријателство во косовското Собрание и изразил надеж дека групите за соработка во двата законодавни дома, како и комисиите ќе ја интензивираат меѓусебната соработка.

Џафери нагласи дека двете држави споделуваат исти стратешки определби и цели во однос на надворешната политика и Северна Македонија принципиелно ги подржува евроатланските аспирации на Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на стекнатите знаења и искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО.

Како што е наведено во соопштението, Џафери ја повтори и силната поддршка за визната либерализација за косовските граѓани со ЕУ, како и поддршката за членството на Косово во меѓународните организации и иницијативи, меѓу кои и во Советот на Европа. Исто така, истакна дека земјава ги поддржува напорите за решавање на прашањата меѓу Приштина и Белград како важен придонес за стабилен регион.

Претседателот на Комисијата, Хаки Абази, изразувајќи задоволство од добрите билатерални односи, нагласи дека постои простор за унапредување, со оглед дека двете земји имаат исти надворешно политички приоритети за членство во евроатланските структури. Тој истакна дека Косово е определено за добри односи со сите соседи, вклучително и со Србија, на рамноправна основа и нагласи дека регионот има историска можност за градење мир во кој нема простор за конфликти. Абази ја нагласи и заложбата на неговата земја кон Берлинскиот процес како начин на забрзување на патот кон ЕУ и изрази благодарност за поддршката на земјава за зачленување на Косово во меѓународните организации.

Двајцата соговорници се согласија дека треба да се направат повеќе напори за олеснување на движењето меѓу двете земји и во таа насока за забрзување на работите околу изградбата на автопатот од македонска страна до граничниот премин Блаце.