Џафери: Не чувствувам потреба да се извинам

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека не чувствува потреба да им се извини на службениците за кажаните зборови што се слушаат на неодамна објавената аудио снимка.

-Јас немам објаснување за тоа, во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот на Собранието е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа треба да создадам услови и предуслови за работа на службата. Ако некој мисли дека службата треба работното време да го помине на улица „Македонија“ претпоствувам дека граѓаните не посакуваат таква служба, ниту во Собранието, ниту во која било институција, рече Џафери на денешната средба со медиумите.

Ние како раководство на Собранието, како што рече, сме ги направиле сите предуслови за да создаваме соодветни услови за службата, и статусно и материјално и институционално.

Џафери образложи дека службеник во Собранието според Закон има повисока плата за 20 отсто од својот колега во која било друга институција. Потсети и дека минатата година беше извршена набавка на 100 компјутери за службата.

– Ако некој мисли дека ќе ја пуштам службата работното време да го помине на улица „Макединија“, се лаже. Ни помалку, ни повеќе не барам. Да бидат на свое работно место колку што е пропишано, осум часа имаат време да бидат на свое работно време, осум часа треба да се на работното место. потенцира Џафери.

Апелираше до пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ да води сметка за она што го направиле и за она што кажале за направеното.

-При вршење на моите должности не сметам дека сум прекршил нешто, останатото или другото е прашање на јавноста, рече Џафери на брифингот со новинарите.