Две големи капитални инвестиции стартуваат во Гази Баба

Во општина Гази Баба започнува реализацијата на две големи капитални инвестиции чија вкупна вредност е околу 30 милиони денари.

Ова денеска го соопшти градоначалникот Бобан Стефковски кој заедно со лидерот на ВМРО-ДПМБЕ беа во посета на населеното место Црешево каде означија почеток на градба на првата фаза од фекалната канализација во ова населено место во вкупна должина од 2. 400метри, инвестиција вредна 20 милиони денари обезбедени од буџетот на општина Гази Баба.

Претходно го посетија населеното место Гоце Делчев каде што извршија увид во градежните работи кои што се одвиваат на третата фаза од изградбата на фекалната канализација во вкупна должина од 1000 метри, инвестиција вредна 8 милиони денари.

-Само со двата проекти кои што денес ги започнуваме опфаќаме канализациона мрежа во должина од околу 3.5 километри и вкупната инвестиција околу 30 милиони денари. Освен во овие два проекти, реализираме паралелно и приклучоци на фекална канализација во населеното место Јурумлери, а наскоро ќе имаме можност да ја пуштиме во употреба фекалната канализација со изградена пречистителна станица во населеното место Смилковци, порача Стефковски.

Тој потенцираше дека во Гази Баба се реализираат проекти во сите населени места и во сите области.

-Гази Баба го слуша гласот на народот и согласно нивните барања и потреби започнуваме со проекти со кој што се решаваат децениските проблеми на граѓаните.Во партнерство со граѓаните ќе продолжиме да дејствуваме и во наредниот период. Гази Баба ќе ја развиваме и ќе ја градиме рамномерно во секој дел од нејзината територија, вели првиот човек на општината.